05
Пон, Дек
0 нови содржини
Интервјуа

Ивана и Ману поминаа 3 континенти и 43.000км

Ивана и Ману со својата „Yamaha XT660Z Tenere“ од 13 септември 2013 се на пат околу светот, веќе поминаа низ три континенти, а паузата додека патуваат кон Америка ја користиме за уште едно интервју.

Следете нè на:

 

10572136 10152360940373347 3745057726530925458 oМомент на одмор за Ивана и Ману, но и за нивната Јамаха

Ивана и Ману со својата „Yamaha XT660Z Tenere“ од 13 септември 2013 се на пат околу светот, веќе поминаа низ три континенти, а паузата додека патуваат кон Америка ја користиме за уште едно интервју.

За Ивана и Ману и нивниот подвиг за пат околу светот со мотор веќе пишувавме, а причината за нивното повторно појавување на мотори.ком.мк е тоа што поминаа повеќе од 40.000 километри низ Европа, Азија и Австралија.

- Веќе сте на половина пат од вашето патешествие, какво е чувството?

Да, веќе патуваме долго време, поминавме повеќе од 43.000 километри и 24 различни земји. Имавме тешки моменти и моменти на големо задоволство. Сега сме во Австралија и сме презадоволни од остварувањата. Поминавме 3 големи континенти и сме на пат накај Америка каде ќе пристигнеме за две недели. Чувствата се различни, горди сме за она што го постигнавме сами без помош од никој, се чувствуваме посигурни и веруваме повеќе во самите себе за остварување на уште нови дестинации.

- Што беше предизвик во возењето од Индија до Австралија?

Во секој дел од светот има различни карактеристики во сообраќајот. Голем предизвик за возење особено во Индија претставуваше хаотичниот сообраќај без правила и прописи, без многу сообраќајни знаци и каде на еден ист пат можевме да се соочиме со камиони, велосипеди, мотори, слонови и камили и луѓе кој постојано се појавуваат на патот. Предизвик беше да возиме низ поројните монсунски дождови во Југоисточна Азија и многу off-road на островот Флорес каде моравме да поминеме неколку реки и да стигнеме до Австралија што претставува најдалечната точка и нов континент за освојување. Во Австралија извозевме 6.000 километри по средниот дел низ големата пустина возејќи низ долгиот Stuart Highway каде предизвик беа многу причини како немање доволно храна, каде имаше опасност од појава на патот од кенгури и немање доволно бензински пумпи и голема опасност од road train (камиони) кои се долги 54 метри и се движат со огромна брзина.

- Како се чувствувате ти и Ману, и како се држи моторот?

Со оглед на тоа што ова патување е долго и многу напорно, имаше моменти кога тоа го почувствувавме на самите нас. Ману додека патувавме низ Камбоџа и Лаос изгуби многу килограми заради недоволно храна и влажност во воздухот, заради неповолните патишта каде мораше да троши повеќе енергија за контролирање на моторот кој е доста тежок и натоварен со багаж и јас одпозади :) Јас се држев добро се до Индонезија, каде скрос изгубив сила, и каде ме болеше секој дел од телото, од долгите саати поминати на мотор каде за мене има многу мал простор, качив температура и моравме да направиме пауза да одмориме во едно мало село на островот Сумбава, каде целото локално население се грижеше за мене и со нивна помош собравме сила да продолжиме.

Моторот до Австралија се држеше добро и покрај тоа што го форсиравме неколку пати повеќе од она што требаше заради нашето непознавање за механика. Но, во Австралија и моторот си ги покажа своите потреби за промена на неколку делови. Во Дарвин прегоре мењачот па мораше комплет цел да го замениме, во Алис Спринг во срцето на пустината се скршија лагерите на задното тркало и во Аделаид после 43.000 километри дојде време да го смениме ланецот комплет. Од една страна имавме среќа што се се случуваше во Австралија и имавме опции и можност брзо да ги решиме проблемите, од друга страна не беше забавно, затоа што Австралија е најскапата земја и работната рака на механичар ја ценат, така да сето ова требаше да го платиме скапо.

10450241 10152360944478347 8695794372607912989 oИзминати 43.000 километри низ три континенти: Европа, Азија и Австралија

- Од досегашниот дел од патот, кое место за вас беше нај возбудливо?

Имавме многу возбудливи моменти, речиси секој ден се среќававме со нови искуства и места, различна природа и патишта. Како што кажав во претходното интервју за motori.com.mk и сеуште стојам на тоа дека највозбудливо беше поминувањето на големата планина Памир во Таџикистан каде возевме во Ноември на -20 ºC со многу снег и мраз, возбудливо беше во Индонезија кога возевме низ река одејќи накај мало село на планина Ваеребо, возбудливо исто така беше додека возевме за да  видиме еден од поголемите активни вулкани во Индонезија, Бромо, каде бевме опколени со густа магла и немавме апсолутно никаква видливост а местото беше како да си на месечината, голем отворен простор без патокази, без пат и никој кој поминуваше во тој момет, момент во кој бевме збунети од незнаењето каде сме, моменти на страв и паника, и многу други возбудливи моменти кои го зголемуваа адреналинот постојано.

- По толку изминати километри, ви недостига ли нешто од опрема, и од друга страна, има ли нешто што го понесовте, а воопшто не го искористивте до сега?

После многу километри возење секако научивме што е важно да имаме со нас, а оние работи што ни беа непотребни ги оставивме по патот. Она што ни недостасува и заради што многу пати имавме потешкоии беше опрема соодветна за на мотор. Кога мислам опрема, мислам на соодветни кациги, оние со кои патувавме до сега се навистина несоодветни за вакво патување, ни недостасува добра облека со заштита за на мотор и чизми. На Ману чизмите за на мотор завршија во канта за ѓубре во Австралија :) Кога го започнавме ова патување, бидејќи сами се спонзориравме неможевме да си дозволиме да купиме подобра опрема, па се одлучивме за најевтините парчиња, што сите овие километри беа добра лекција дека тоа е најважното за пат околу свет со мотор.

Секако секогаш фалат некои работи, ама ние се навикнуваме да се прилагодиме да поминеме се со минимум.

- Дали финансискиот план пред поаѓање се остварува, имате ли екстра трошоци или се е по планот?

Секогаш има екстра трошоци. Нашето патување е сведено на минимум средства како што кажав. Се трудиме секогаш да заштедиме од едно место за да можеме да платиме некои други трошоци што е невозможно да се избегнат. Најголем трошок и најтежок е кога треба да се прати моторот со брод преку океан, кој е голем товар за нас. Кога патувавме низ островите во големата Индонезија успеавме да не платиме ниеден трансфер за моторот, но од Австралија до Јужна Америка не беше тоа возможно. До тука некако го контролиравме нашиот џеб и успеавме да не ни недостасува ништо, но во Австралија е друга приказна. Тука е премногу скапо па затоа почнавме да размислуваме за опции како да направиме некои екстра пари за да го завршиме проектот. Почнавме да испраќаме предлози за спонзорство на неколку компании во Македонија и Шпанија и се надеваме дека барем некој ќе одговори позитивно. Јас работев две недели и собравме доволно пари за да го испратиме моторот за Чиле, а сега сме во процес на организирање на презентација на нашиот проект во Мелбурн, каде може ќе имаме можност да собереме некои екстра средства. Кога нешто навистина се сака, секогаш имаа опции да се најде начин за остварување.

- Имајќи во предвид дека во Австралија има многу Македонци, кажете ни дали имавте добар пречек?

Ова е прашањето што секој ден си го поставувам, и одговорот сеуште го немам дефинирано. Да, тука има голема заедница на Македонци, една од најголемите меѓу останатите. За времето кое го поминав во Мелбурн запознав неколку луѓе, но не сите секако. Имам позитивни и негативни искуства. Но, на ова прашање би одговорила поконкретно по заминувањето од Австралија, бидејќи моментално сме во средина на некои преговори за организирање на неколку настани, за кои некои луѓе ми дадоа ветување, па по завршетокот на сето ова би сакала да одговорам за да им се заблагодарам или пак да кажам нешто друго. Како и да е на крај би сакала да ја кажам реалноста.

10525775 10152360947203347 3868029256971713525 nНа пат низ Австралија

- Вашето патешествие продолжува од септември, каков е планот?

За две недели ние ќе пристигнеме во Чиле, но моторот ќе треба да го почекаме до септември, а воедно и да помине зимата. Патувањето продолжува во септември од Патагонија за да стигнеме до Ушуаја што е најужното место во светот кое е населено и од таму започнува авантурата низ континентот Америка каде планот е да стигнеме до Аљаска поминувајќи низ 16 различни земји.

- По возењето на Америка, се враќате во Европа, каква е рутата?

По Америка се враќаме во Европа, но сеуште незнаеме кога и каде точно. Кога ќе стигнеме во Аљаска од таму ќе треба да ги провериме опциите за враќање назад. Или преку Русија назад до Македонија во зависност од временскиот период и средствата или пак од Шпанија назад до Македонија, како и да е последна точка на овој проект, пат околу свет, ќе биде дома во Скопје.

- Иако е рано да се зборува, но што потоа? На половина пат каков е вашиот став, би се нафатиле ли повторно на ваков потфат?

Во овој момент од патувањето идеите и плановите се јасни. Овој проект за нас претставува огромно искуство каде свативме што сакаме, што не прави среќни и во што уживаме, па затоа секако имаме и нови проекти за нови патувања во иднина. Не сме уморни од живеење на нашиот сон. Продолжуваме.

Секој што е заинтересиран да види некои фотографии, видеа и да прочита неколку од нашите искуства може да не следи на нашата веб страна: www.aroundgaia.com и на facebook страната: https://www.facebook.com/aroundgaia

 

comments

Би можело да ве интересира

Сите сме биле сведоци на нешто вакво, корисници на интерет форум или на Facebook имаат расправија за тоа чиј мотоцикл е подобар или кој возач е побрз. Нормално, дискусијата останува во виртуелниот свет, но двајца возачи од Филипините одлучија да го решат проблемот на улична трка.

Одговорено од страна на Алекс Бригс – Ози кој работи за Валентино Роси во тимот на Yamaha MotoGP.

Lifan, кој е најголемиот производител на мотоцикли во Кина и еден од најголемите во светот, повторно ќе влезе на пазарот во САД во 2017 година со неколку модели.

Во организација на МК Ноќни Волци, а со поддршка од Мотоциклистичката федерација на Македонија на патеката Милци крај Гевгелија, викендов се одржа последната трка од отворениот Шампионат на Македонија во мотокрос.

MotoGP шампионот Марк Маркез им се приклучи на останатите победници на церемонијата која се оддржа во Берлин.

На мото шоуто кое се оддржува оваа недела во Велика Британија Triumph ќе претстави пет нови мотоцикли меѓу кои и спцијалната едиција Tiger 800 XCx.

Бидете информирани за сите новости директно на вашата е-маил адреса
Реклами

Ви благодариме

Close

За тоа што споделувате содржини и го поддржувате нашиот веб сајт, Ви благодариме!