11
Нед, Дек
4 нови содржини
Интервјуа

Интервју: Ленин Јовановски

thumb_Lenin-jovanovski1Интервју со Ленин Јовановски, претседател на мото клубот Ноќни Волци, претседател на "Слобода Превоз", а од неодамна и претседател на Моторциклистичката Федерација на Македонија.

Следете нè на:

 

Ленин Јовановски, претседател на мото клубот Ноќни Волци, претседател на "Слобода Превоз", а од неодамна и претседател на Моторциклистичката Федерација на Македонија. Интервјуто со човекот во кој сите гледаат спас за Mото Федерацијата, го направивме во кафулето "База" во близина на грчката амбасада. Разговорот траше скоро два часа, време во кое дискутиравме за неговите плановите за МФМ, клубот Ноќни Волци и состојбата на македонската мото сцена.

Lenin-jovanovski1

- Дали знаеше дека ќе бидеш предложен за претседател на МФМ?
Се случи навистина брзо, бев информиран ден-два претходно од лицата кои ме предложија со цел нели пред се да ме запрашаат дали би ја прифатил функцијата. Бидејќи бев запознаен со состојбите во федерацијата сметав дека е во ред да ја испочитувам проценката на оние кои ме предложија и прифатив да станам претседател со цел да помогнам во работата на Федерацијата. Морам да споменам дека на многу места се појавувам во некоја раководна позиција и сигурно дека нема да ми биде лесно но сметам дека ќе се снајдам и во новата улога.

- Како го гледаш твојот понатамошен ангажман кон клубот Ноќни Волци и кон Федерацијата?
Јас би сакал да направам некаков спој на тие две работи, односно ние како Ноќни Волци освен тоа што возиме мотори имаме своја философија која ја тераме и би сакал делот од нашите идеи и замисли во делот на поширокото моторџиско обединување против она што значи поврзување на моторџиите со криминални структури и она што се случува во Македонија каде во делот на мото културата не постои разлика помеѓу МК, МЦ и спортски клубови, од позиција на претседател во тој дел ќе се потрудам да го објаснам тоа. Идејата е да се направи единство помеѓу клубовите во Македонија и да се знае на кој каде му е местото. Сметам дека тоа е она што ни фали во моментот, инаку индивидуалноста на клубовите треба и ќе си остане иста, ние како клуб во Македонија сме познати така како што сме познати, тука нема да има никакви промени, а ќе се обидам да направам некаква врска со Федерацијата и да наметнам дел од тоа што е наша клубска идеја бидејќи се работи пред се за племенита идеја за која сметам дека ќе наиде на одобрување од другите клубови.

Секако, ќе се трудам вземната врска федерација-клуб да се продлабочи и клубовите да помогнат во работата на федерацијата, а федерацијата да им помогне на клубовите во оние форми во кои можеме да си помагаме. Искрено кажано со обврските кои ги имам како претседател на Ноќни Волци, а од неодамна сум назначен и за координатор на Ноќните Волци па освен за нашиот клуб се грижам и за уште 4 чаптери и неколку во формирање во соседството, па обврските се големи но ќе се потрудам да најдам време за се да функционира онака како што треба.

- Ќе се реши ли изгледот на клубските грбови во Македонија?
Па тоа го споменав, ние треба да им објасниме на луѓето дека треба да ги разберат грбовите и да се одбележуваат онака како што е редот. Глупаво е да велите дека сте ватерполист, а да не знаете да пливате. Не може да се претставувате како Васко, а да се викате Петко.

- Мислиш дека ова ќе помине без отпор од МК клубовите?
Овде во Македонија не разбирајќи ја таа мото култура и поделбата на тоа кој е МК, MC и спортски клуб, може да си создадете проблеми. Ние овде во Македонија не го инсистираме тоа односно не сме делувале агресивно во однос на заштита на грбовите, едноставно заради тоа што атмосферата е таква каква што е, тоа се наши пријатели, ние ги почитуваме сите што возат мотори без разлика на типот на мотор. Меѓутоа, било каде во странство, вклучувајќи ги и соседните земји, луѓето можат да наидат на сериозни проблеми. Носењето на троделните ознаки не е накит или украс, туку нешто зад што треба да стоиш и да го штитиш. Поклопувањето на боите, називот или едноставно самото троделно одбележување кажува нешто за тој клуб и на многу клубови кои ги игнорираат ваквите одбележја им се случувало да бидат запрени од членови на МC клуб на сред пат и да им бидат одземени елеците, а некои поминувале и со потешки последици. Зборувам за клубови кои се со постара традиција и кои многу водат сметка за одбележјата, па доколку налетате на нив со МC одбележја, а не сте член на таков клуб ќе имате големи непријатности. Да не заборавиме и да потсетиме дека во Германија се води војна помеѓу моторџии заради тие одбележја. Не велам војна фигуративно, туку буквално со тепања и пукања кои завршуваат со човечки жртви. Во тој контекст од Федерацијата на клубовите ќе им биде објаснето значењето на грбовите бидејќи нели на највисоко ниво организациски е поставена Федерацијата и би требало да се погрижи за тоа.

-Дали ќе имаш проблем во извршувањето на функцијата имајќи во предвид дека си претседател на "MC" клуб?
Клубот Ноќни Волци е "MG" клуб, не е класичен "MC" и не се водиме по стандардите на тие клубови што се декларираат како 1%. Во многу моменти воопшто не размислуваме како нив, односно нашата философија е многу по различна бидејќи функционирањето на таквите клубови во многу земји во светот е блиска со криминалот. Не велам дека клубот во своите зачетоци пред дваесетина година не преземал одредени активности, однесување или живеење кое било многу блиску до тоа, меѓутоа со текот на годините, клубот развил сопствена философија, сопствен начин на функционирање и кодекс со што сметам дека во овој дел мојата функција не се јавува во нарушување на тој кодекс туку напротив се она што е позитивно од нашиот клуб треба да им се наметне на сите. Она за што зборувам е племенита работа, за квалитетни човечки вредности и однесување во општеството каде моторџиите испраќаат позитивни сигнали и делуваат во функција на поквалитетно живеење, обединување, патриотизам, традиција. Вредности кои ние ги имаме како држава и кои не поврзуваат.

Да дополнам само дека мене лично не ми е сватливо како е можно некој клуб во државава да не биде во склоп на едно пошироко заедничко здружување, во моментот единствено ја имаме Мото Федерацијата, и во Федерацијата би требало да бидат клубовите, а не надвор од неа, со цел да ги наметнат своите идеи и ставови и да делуваат врз останатите доколку имаат што да кажат. Вака со одвојување, значи ако не се собереме некаде да дискутираме за одреден проблем, сигурно тој нема да биде решен со озборување и коментирање одстрана. Неможе некој клуб да каже ние сме најголем, најдобар клуб и сега вие ќе правите вака и вака, едноставно нема да биде канализиран тој став. Потребно е да седнеме сите заедно и да дискутираме за било која тема и сигурен сум дека ќе се најде решение за секој преблем. Инаку ние како Ноќни Волци воопшто не сакаме да се замараме со туѓи работи или клубски прашања, тоа воопшто не ни е целта, но сакаме да го кажеме нашиот став.

-Дали Ленин Јовановски ќе се обиде да ги реши проблемите на Федерацијата од претходната година, или едноставно ќе повлечеш линија и ќе започнеш од ново?
Пред да ти одговорам, кога ме спомна по име и презиме, во контекст на претходното прашање сакам да дополнам нешто. Можеби изгледам како контроверзна личност за некого односно на некој што не ме познава можеби му делувам збунувачки. Гледајќи од страна, несватливо е како еден човек е директор на фирма која се бави со дејност од јавен интерес, се дружи со моторџии, со синдикати, се појавува во разни форми во организации, во политички кругови итн. што можеби прави забуна. Според мене тоа е големината на човекот и добро е што таква личност е прифатена на повеќе полиња и секаде е почитувана. Тоа малку контраверзно звучи бидејќи е неразбиливо како е можно два-три лика со различна иконографија да функционираат но благодарение на тоа имам многу отворени врати, па затоа велам, тоа може да биде само позитивно за мојата работа.

Во однос на работата во МФМ, јас сметам дека прашањата кои беа отворени, по контролата која е направена од страна на финансиската полиција која ги проверуваше документите за работата на МФМ, од аспект на административен и правен аспект тие прашања ќе бидат затворени доколку нели финансиската полиција не констатираат некакви нерегуларности. Доколку имало нерегуларности тие луѓе ќе си одговараат за стореното. Искрено кажано мене најлесно би ми било да се стави една линија и она што било претходно да се остави таму, оние што ценат веќе имаат изграден став за работата на МФМ, па би сакал од тука натаму да не се занимаваме со минатото туку да видиме каде беше критикувано претходното раководство и да не ги правиме тие грешки односно да ги корегираме и да функционираме онака како што сакаат клубовите кои членуваат во Федерацијата.

Треба да се остави работата во МФМ на луѓето кои стварно сакаат да работат, не е работата некој да се закити со некаква функција и да се фали по народот, а ништо да не работи. Треба да дојдат луѓе кои ќе си ја работат својата должност. Оние кои се во спортот да си го работат тој дел, додека оние другите кои можат да помогнат, а сакаат да добијат функција со која сметаат дека ќе допринесат некако за квалитетното организирање, да добијат таква функција. Носење на средства, помагање преку контакти со институциите, контакти и соработка со Агенцијата за Млади и Спорт.. едноставно да го олеснат функционирањето на самата Федерација. Тие треба да се во врвот и да ги бркаат тие работи, а спортот да им се остави на спортистите и на клубовите кои се стручни за одредена проблематика. Целта е тие функционери да им овозможат на луѓето кои се членки во Федерацијата да го добијат она што го заслужуваат и она за што работат и што го сакаат целиот живот, дали се тоа брзински, крос, ендуро или какви и да се трки, Рели Македонија, или се останато што се реализира во земјава. Целта е да се преземат симпатиите од целото општество, од народот, бидејќи само на тој начин ќе може да се соберат средства со кои ќе функционираат клубовите. За тоа мора прво да се поправи имиџот на Федерацијата, како би можеле да имаме некаков резултат.

-Го спомна Релито Македонија, каква е твојата визија за годинешното јубилејно рели?
Мене ми е жал што Релито во минатото по еден подем во кој имаше квалитетна организација, во последниве неколку години оди во надолна линија. Порано на секое возење надвор од нашава земја моторџиите ме прашуваа кога ќе се одржи Релито Македонија, што ќе има интересно итн., а сега повеќе тој интерес го нема. За годинава сметам дека треба јубилејот да биде достојно одбележан, па така ако 10-то или 15-то рели било одлично, ова сега треба да биде двојно подобро. Федерацијата треба да направи еден план, во кој ќе бидат вметнати организациските замисли, а потоа да ги задолжи клубовите, дали неколку или еден, и да им го даде тоа како задача за реализација. Сметам дека Федерацијата не треба да навлегува детално или организациски во овој дел, туку дека треба клубовите да го одработат Релито. Треба да се има стандарди кои ќе ги зададе Федерацијата, а реализацијата треба да биде од страна на клубовите. Доколку се направи тоа на време мислам дека ќе имаме одлично рели. Федерацијата ќе биде тука за да стапи во контакт со сите надлежни институции, Совет за безбедност, МВР, Агенција за Спорт и Млади, Премиерот или Претседателот како покровители бидејќи сепак се работи за настан од национален интерес на Македонија, поставувајќи ги така работите мислам дека ќе биде успешно. Вака како да фали главата во организацијата, рацете и нозете работат но главата никаде ја нема. Доколку се постави планот за работа сигурно ќе имаме успешно рели. Јас сум бил и дел од организацијата на Рели Македонија во минатото и со сите кои сме соработувале во тој период во кој се правеле успешни релија, сме коментирале дека не треба да се отстапува од некаква организација која функционирала добро.

- Лани имавме ситуација во која клубовите кои не беа членки на МФМ плаќаа поголема котизација за релито, кој е твојот став во однос на ова?
Котизација мора да има, а според мене треба да биде еднаква за сите. Не треба да има подвојување на вакви или онакви, заради тоа што на Релито Македонија не се учествува за доброто на клубот, тука учествуваат моторџии на рели кое се одржува во чест на Македонија. Затоа доколку мојот клуб реши да не учествува на релито, јас како индивидуалец сигурно ќе сакам да возам и не гледам причина зошто не би можел. Нормално треба да ја платам котизацијата но во висина како за сите, значи без разлика дали некој е член на клуб или клубот е член на МФМ. Котизацијата мора да постои бидејќи на тој начин се помага во побогата содржина на самото рели и поквалитетна организација. Во минатото сите членови добивале многу повеќе од висината на котизацијата, имаше време кога дури се делеше и бензин на учесниците, но сега времињата се променети и не се можни такви бенефиции, но сепак релито има доволно спонзори да биде организирано онака како што треба. Мене лично најмногу ми смета што недостига забавниот дел на релито. Кога ќе се собереме во некој град, за кратко време ги снемува сите и останува само мала група на мотори на предвиденото место, а тоа е затоа што нема организирано ништо интересно што ќе ги задржи учесниците на едно место.


- Дали ќе има некакви промени на одговорните лица во МФМ од твоја страна?
Јас лично немам право да менувам никого. Според статутот на Федерацијата, јас можам само да предложам нечија промена, но не и да го сменам од функцијата. Во секој случај јас не би сакал да сум во друшто или да работам со некој за кој би констатирал дека работи на штета на федерацијата. Мојот личен авторитет и она што како личност сум познат е дека до сега не сум дозволил некој за своја лична корист да го наруши мојот углед или угледот на организацијата за која сум одговорен. Доколку забележам нешто такво, а верувајте дека многу добро ги забележувам тие работи бидејќи целиот мој живот сум во некакви организирани форми на луѓе па го имам тој стекнат инстинкт да ги забележам тие работи, веднаш би реагирал. Колку ќе имам моќ да го решам тоа не зависи од мене, но најмалку што можам да направам е да кажам дека повеќе нема да бидам дел од таа работа и да кажам јавно зошто е тоа така. Сметам дека само со консолидирање на силите ќе функционираме добро. Луѓето се онакви какви што ги прави одреден момент, секој работи доколку има притисок да сработи нешто и не работи ништо доколку се остави така. Голема е веројатноста дека некој ќе земе пари оставени на маса доколку никој не го гледа, иако знае дека не се негови. Јас во животот работам така што секојпат ги држам под контрола работите за кои сум задолжен. Ако ми е доверена одредена работа, ќе се јавам пет пати да проверам дали нештото е завршено, така да не оставам ништо на случајност за да дознаам отпосле дека работата заглавила заради некоја ситница.

- Твое мислење за мото сцената во Македонија?
Она што ми пречи во светот на моторџиите кај нас е тоа што не се почитуваме доволно. Многу повеќе треба да си даваме поддршка, да комуницираме, да си помагаме наместо да си покажуваме мускули и да се озборуваме. Сите моторџии без разлика на моторот кој го возат треба да се солидаризираат меѓу себе, во принцип имаат многу заедничко од сите аспекти, од безбедносен, друштвен, едноставно во сите аспекти на животот треба да си помагаме. Доколку сме се одлучиле за тој живот на две тркала треба да се солидаризираме сите. Не треба да се гледа на материјалниот аспект, треба да ги заборавиме сите лични фрустрации, јас сум најбрзиот, најдобриот ова она.. сите ние сме едно семејство кое е големо, но во однос на сите други мало, па важно е да се држиме заедно. Кога има некој настан треба да одиме заедно, кога ќе не повикаат некаде да се појавиме сите како моторџии, да има поголемо колективно здружување. Јас би го сметал за најголемо достигнување доколку до крајот на животот спречиме во земјава да влезат криминални структури кои користејќи го моторот како маска ќе ја нарушат хармонијата на нашето живеење. Ние како Ноќни Волци имаме за цел да застанеме на патот на ваквите групи, а бараме поддршка и од сите други за ова. Сега преку федерацијата на сите клубови ќе им биде пренесен овој став, со цел да се разбере дека овие групи носат само проблеми. Проблеми како што ги имаат клубовите во Бугарија, Хрватска, Србија.. проблеми од клубови кои ќе ни ги дрогираат децата, ќе ги вклучуваат во нечесни игри, не е се како што изгледа на филмовите, верувајте не е добро пред да седнеш на моторот да размислиш што да облечеш за да не настрадаш. Да не можеш да отидеш на некој настан, или да треба да платиш рекет за да организирап некаква журка или мото собир. Затоа велам, приоритет треба да ни биде да го спречиме продорот на ваквите групи во Македонија.

- Кога сме кај Ноќни Волци, каков е планот за организирање на мото собир?
Собирот и годинава ќе се одржи на истиот датум како и секоја година, со тоа што оваа година размислуваме за неколку новитети па ќе видиме колку ќе успееме да ги реализираме. Местото на одржување повторно ќе биде Калето и покрај актуелните случувања, едноставно бидејќи не трошиме средства за местото кое го добиваме од Градот, а средствата ќе ги искористиме за самата организација. Собирот ќе биде посветен на Јохан Тарчуловски, кој излезе единствена жртва од воениот конфликт во Македонија, иако имаше многу други луѓе кои заслужија да бидат таму. Ние сметаме дека човекот си ја извршувал својата патриотска и професионална должност, а 10 годишнината од конфликтот е причината за посветата, но сепак сетоа тоа ќе биде со порака -Да не се повтори. Целта ни е луѓето да извлечат поука дека никој не доби ништо од конфликтот, сите само загубија, а Јохан излезе единствена жртва па со право го посветуваме собирот на него.

- За крај, дали како претседател на МФМ ќе се обидеш да направиш нешто за барањата на моторџиите, намалување на трошоците за регистрација, патарини...?
Одлично прашање, и да, апсолутно! Федерацијата треба со такви работи да се занимава! Олеснувања на сите сите давачки за моторџиите, намалување на регистрацијата на моторите, цената на патарините, увоз на половни возила од странство, износот на зелениот картон, тоа е она што треба федерацијата да го работи. Не собирање на котизации пред трка, или препирање со возачот дали има или нема лиценца, колку пари се платени итн итн. Тоа треба да го работат клубовите кои се стручни за тоа и сигурно имаат луѓе кои подобро ги знаат работите бидејќи се упатени во проблематиката со која се бават целиот живот.

Ние сме празник за очи, пак ќе ги спомнам Ноќни Волци, кога возиме во Русија не дочекуваат како херои, ни фрлаат цвеќиња на улиците, ни мафтаат, се поздравуваат со нас. Едноставно се воодушевуваат од она што го правиме ние и тоа е таа позитивна улога на моторџиите, значи испраќаат порака која е од цело општествено добро. Федерацијата треба да и докаже на државата дека моторџиите се позитивни и прават нешто добро за општеството, дека не сме оние бандитски екипи како што не доживуваат, туку не само што сме убави за гледање по улиците, ние пренесуваме и некоја позитивна порака. Затоа моторџиите треба да добијат бенефити од државата, некаква помош исто како што тоа го добиваат разни организации по некои основи. За таа цел Федерацијата треба да работи на подобрување на имиџот на моторџиите во очите на јавноста, а клубовите да се грижат за спортот. Само така ќе имаме успешна Федерација.

 

Интервјуто го завршивме исполнети со позитивни впечатоци и верба дека МФМ со новиот претседател ќе стане она што треба да биде, институција на моторџиите која ќе работи за нивните интереси и подобрување на мото сцената во Македонија.

Епа моторџии, нека ни е со среќа работата на Моторциклистичката Федерација на Македонија.

comments

Би можело да ве интересира

Многумина сметаат дека тетоважите и мотоциклите одат заедно но никој не претпоставаше дека Honda ќе го свати ова толку буквално.

Во тек е последниот дел од турнејата Ducati Globetrotter 90, а Ducati Multistrada 1200 ќе се врати во гаражата на компанијата на 15-ти декември.

Кога размислувате за Кинески мотоцикли сигурно прво што ви паѓа на памет се скутерите. Но во Кина се повеќе расте побарувачката за големи машини.

Шефовите на Светскиот Супербајк шампионат објавија радикална промена на распоредот на патеката за втората супербајк трка во обид да се направи шампионатот поинтересен.

Дорна денеска го објави новиот надополнет МотоГП календар за 2017 година.

Хорхе Лоренцо изненади многумина со лесното прилагодување на новиот мотоцикл, но што навистина мисли тој за Desmosedici GP?

Бидете информирани за сите новости директно на вашата е-маил адреса
Реклами

Ви благодариме

Close

За тоа што споделувате содржини и го поддржувате нашиот веб сајт, Ви благодариме!