Кенан Софуоглу викендов во Имола ќе ја вози последната трка во кариерата.

Петкратниот Светски шампион во Суперспорт категоријата, Кенан Софуоглу официјално објави дека планира да се повлече од натпреварувањето после неколку сериозни повреди кои ги доби во изминатиов период. Сепак, како што најави, уште еднаш за последен пат ќе настапи на трката која се вози во Имола овој викенд.

kenan sofuoglu

За време на трката која се оддржа во Тајланд во март веќе напишавме дека Софуоглу размислува за пензионирање не само поради големиот пад кој го доживеа на патеката во Мањикур по кој се здоби со повреда од која отсуствуваше долго време, туку и поради падот за време на тренингот на Филип Ајленд кој само дополнително ја искомпликува работата.

Турската ѕвезда, кој прославува 20 години кариера како професионален возач, веќе еднаш беше подготвен да се повлече но сепак на барање на тимот Puccetti одлучи да продолжи да вози. Сепак, во понеделникот и официјално беше соопштена неговата одлука. 33 годишниот возач изјави дека одлуката ја донел после разговорот кој го имал со Турскиот претседател кој е негов близок пријател.

„Како што посакува претседателот, после завршувањето на трката овој викенд, јас ќе се повлечам од натпреварувањето,“ изјави Софуоглу. „Имав некои посериозни повреди кои навистина го исплашија моето семејство но и претседателот. Поради тоа одлучивме порано да се повлечам од тркањето. Не можам да кажам дека сум тажен бидејќи има неколку Турски возачи кои ги тренирав и кои очекувам да ме заменат. Пред 20 години ја започнав кариерата со желба да ја освојам светската титула. До сега тоа ни успеа пет пати и навистина сум благодарен. Сакам да им се заблагодарам на сите оние кои ме поддржуваа во изминатиов период.“

Софуоглу досега освои пет титули во Суперспорт категоријата, 2007, 2010, 2012, 2015 и 2016 година. Сопственик е на голем број на рекорди: 43 победи, 85 места на подиумот, 30 најбрзи кругови и 34 пол позиции. За време на трката во Австрија го прослави својот стоти старт од првиот ред на патеката. Иако вели дека неговата цел не е победа на патеката во Имола, сепак три години по ред тој слави тука.

Back To Top