Брембо откри проблем со клипот на главниот цилиндар на кочниците кој може да пукне па производителите кои ги имаат напредните кочници вградени во своите модели започнаа со кампања за бесплатна промена на истите.

Веќе пишувавме за повлекувањето на голем број на спортски мотоцикли кои имаат Brembo сопирачки, а меѓу првите модели кои беа повлечени од пазарот се Aprilia RSV4 и Aprilia Tuono 1100.

Замената на клипот на кочниците кај овие модели ќе се врши наскоро, а за да проверите дали и вашиот модел е зафатен со оваа „recall“ кампања кликнете овде и внесете го бројот на шасијата.

brembo pr16 10B29149 master cylinder

Денеска ни стигна потврда дека уште еден производител ќе ги повлече своите мотоцикли, а тоа е Ducati. Со шест модели, зафатени со проблемите и кои опфаќаат временски период од четири години, „Ducati“ одлучи да повлече добар дел од продадените мотоцикли бидејќи клипот на главниот цилиндар може да пукне.

Проблемот потекнува од пластичниот клип на главниот цилиндар кој може да пукне после посилен напор. Ако тоа се случи, цилиндарот ќе престане да работи што пак ќе доведе до откажување на сопирачките.

Во однос на Ducati, овој проблем ги опфаќа моделите произведени во периодот од 2015 до 2018 година, а меѓу нив се следните линии: 1299 Panigale (вклучувајќи ги Superleggera и Final Edition), Panigale R, Monster 1200, Multistrada 1200/1260, XDiavel S и Scrambler 800 Café Racer (2017-2018).

Од компанијата велат дека ќе ги исвестат сите лица кои купиле вакви мотоцикли, а официјалните дистрибутери, бесплатно ќе ги заменат клиповите. Повлекувањето се очекува да започне по 15 февруари 2018 година, а сите оние кои имаат вакви мотоцикли треба да се обратат во Динамикс по 9-ти јануари за повеќе информации.

Back To Top