
Денеска во просториите на Министерството за економија, министерот Ваљон Сараќини оствари предновогодишна средба со претставниците на мото-заедницата во Македонија, а по повод позитивниот одговор на нивното барање за најновите измени во Правилникот за единечно одобрување на возила, со кои се овозможува увоз на употребувани возила од категоријата L (моторцикли) произведени за или во САД, како и увоз на американски возила од категоријата М1 (автомобили) кои се произведени надвор од САД, а се наменети за американскиот пазар, со што се решија поголем дел од проблемите со кои се соочуваа нашите моторциклисти при увозот.
Претставниците на мото-федерацијата и мото-клубовите го изразија своето задоволство од брзото решавање на нивното барање, објаснувајќи уште еднаш дека со измените ќе се подобри мото - движењето во земјава, ќе се подигне нивото на мото културата во Република Македонија и истите ќе допринесат за развој на мото спортот, ќе се подобри нивото на заштита на животната средина со значително намалување на нивото на емисија на штетни гасови во воздухот, но исто така ќе се даде можност за увоз на поголем број на возила од категоријата L.
Министерот Сараќини истакна дека покрај економскиот, безбедносниот, еколошкиот аспект, како и развој на мото-културата и мото-спортот, еден од најважните аспекти е развојот на мото-туризмот во Македонија. Имено, македонските мото-клубови имаат матични клубови во европските земји и многу често се посетуваат и дружат меѓусебно, патувајќи во земјите каде се одржуваат хепенинзи. Тоа ќе биде можност Македонија да ја посетат што поголем број мототуристи. и е одлична можност земјава да биде промовирана од туристички аспект.“
Со овие измени ќе се овозможи моторите да станат средство подостапно за граѓаните на Република Македонија, со што ќе се намали метежот по улиците и ќе се задоволи барањето на фановите на моторите.
Извор: Министерство за економија














