Драматичната завршница ја одбележа возењето на Кејси Стонер кој во последниот свиок влезе како втор, а до целната линија успеа да го помине Бен Спиз и со предност од 0.015 сек. да дојде до победа.

Трката започна со судар во првиот свиок во кој Алваро Баутиста удри во задното тркало на Андреа Довициозо и при падот со себе ги собра Валентино Роси, Ники Хејден и Ренди де Пуние. Довициозо од инцидентот се извлече без никакви последици, а до крајот на трката прикажа одлично возење благодарение на кое успеа да дојде до третата позиција во генералниот пласман. Пред почетокот на трката заостануваше 4 бодови зад својот клубски колега Дани Педроза, тој мораше да го победи Педроза пред домашната публика за да дојде до третата позиција. Она што е интересно е одлуката на Хонда од пред неколку трки, следната година да ги задржи Кејси Стонер и Дани Педроза, па така Довициозо е во потрага по нов тим.

Кејси Стонер започна со одлично возење од самиот старт па така во вториот дел од трката веќе имаше предност поголема од 10 секунди. Во меѓувреме ја следевме борбата за втората позиција во која главни актери беа Довициозо, Педроза и Бен Спиз. Американецот на неколку кругови до крајот успеа да го помине најпрво Дани Педроза, а еден круг подоцна и Довициозо. Во тие моменти тимовите ги подготвија моторите со сетап за дожд бидејќи на дел од патеката започна да врне. Но она што се случи ги изненади сите. Разликата на Стонер се стопи на само 1.3 секунди во однос на Бен Спиз, а со оглед на тоа што дождот престана и трката не беше означена како мокра возачите продолжија со стандардните мотори па Спиз започна со напад на првата позиција на Стонер. Новиот Светски шампион направи грешка при влезот во еден свиок на два круга пред крајот по што американецот дојде до првата позиција и беше на најдобар пат да дојде до втората победа во сезоната. За да не биде тоа така се погрижи Кејси Стонер кој уште еднаш ја покажа доминацијата на Хонда во МотоГП шампионатот, во последниот свиок на патеката Валенсија влезе како второпласиран и успеа до целната рамнина да го помине Бен Спиз!

Денешната трка освен по оддавањето почит за Марко Симончели, ќе биде запаметена и по пензионирањето на Лорис Капироси. Ветеранот помина 22 сезони во МотоГП, а денешната трка ја заврши на деветтата позиција.
Резултати од денешната трка:
1. Casey Stoner AUS Repsol Honda 48m 18.645s
2. Ben Spies USA Yamaha Factory Racing 48m 18.660s
3. Andrea Dovizioso ITA Repsol Honda 48m 24.581s
4. Cal Crutchlow GBR Monster Yamaha Tech 3 48m 27.363s
5. Dani Pedrosa ESP Repsol Honda 48m 27.966s
6. Katsuyuki Nakasuga JPN Yamaha Factory Racing 48m 42.463s
7. Josh Hayes USA Monster Yamaha Tech 3 48m 51.763s
8. Karel Abraham CZE Cardion AB Motoracing 48m 56.597s
9. Loris Capirossi ITA Pramac Racing 49m 7.598s
10. Toni Elias ESP LCR Honda 49m 11.146s
11. Hector Barbera ESP Mapfre Aspar 49m 25.164s
12. Hiroshi Aoyama JPN San Carlo Honda Gresini 49m 27.405s
Не завршија:
Randy de Puniet FRA Pramac Racing
Nicky Hayden USA Ducati Marlboro
Valentino Rossi ITA Ducati Marlboro
Alvaro Bautista ESP Rizla Suzuki































