Лорис Капироси ќе вози со бројот 58
Викендов на патеката Валенсија се вози последната трка во МотоГП шампионатот, трка која по многу работи ќе остане во историјата на МотоГП шампионатите. Трагичната смрт на Марко Симончели ја одбележуваат сите тимови и возачи со означување на бројот #58, но честа за последен пат на патеката да го носи овој број ја доби Лорис Капироси.
Ники Хејден со налепници во чест на СимончелиЧленот на Прамак Дукати, 38 годишниот Лорис Капирос по 22 сезони поминати во МотоГП става крај на својата кариера. "Ситуацијата за сите е чудна, сите сме тука и се трудиме да не го заборавиме Марко, па затоа и сакав да го носам неговиот број на мојата последна трка. На овој начин сакам да му оддадам почит и се надевам дека тоа му се допаѓа" -изјави Капироси на прес конференцијата пред почетокот на ГП викендот во Валенсија.
Новата кацига на Алваро Баутиста со бројот 58 во чест на СимончелиПресот го започна новиот светски шампион, возачот на Репсол Хонда тимот, Кејси Стонер: "Овој викенд ќе биде малку по различен од досегашните, по специјален, и се надевам дека се ќе помине во најдобар ред. Имавме време во овие две недели да размислиме за она што се случи и за тоа што ни значи на нас тркањето."
Валентино Роси кој беше близок пријател со Симончели и кој присуствуваше на погребот минатата недела изјави: "Атмосферата во Италија беше неверојатна, луѓето покажаа дека ќе го паметат како добар човек, како на патеката така и надвор од неа". На трката во недела и Валентино Роси ќе носи нова кацига со дизајн посветен на Симончели.
Возбудувањата започнуваат во петок со првиот тренинг во 10.10, а продолжуваат во 14.10 со вториот тренинг. Во сабота, третиот тренинг се вози во 10.10, а квалификациите на програмата се во 13.55. Трката во недела започнува во 14.00, како и до сега коментар ќе можете да слушате на Life Radio (89.1MHz)
Тимот на Марко Симончели, Сан Карло Хонда Гресини по многу размислување сепак се одлучи да настапи на последната трка во шампионатот. За тимот оваа трка има големо значење бидејќи го загуби својот најдобар возач, а неговиот клубски колега Хироши Аојама исто така ја вози последната трка за овој тим бидејќи од следната сезона ќе настапува во Супербајк шампионатот.
Боксот на Сан Карло Хонда Гресини тимот
Не очекува викенд во кој се одбележува крај на многу работи во МотоГП, сепак на сите најмногу ќе ни недостасува Марко Симочели.































