Кејси Стонер дојде до пол позиција на дванаесетата трка од МотоГП шампионатот која утре со почеток во 20.00 часот по наше време се вози на патеката Индијанаполис во САД.
Во почетните минути од квалификациската сесија Валентино Роси во вториот свиок доживеа пад по кој мораше пешки да се врати во боксот. За среќа падот помина без никакви последици за него, веднаш потоа тој се обиде да го стартува своето Дукати но не успеа во тоа. Роси се врати на патеката со својот втор мотор и на крајот се избори за 14-та позиција.
Дека нешто не беше во ред во тимот на Дукати во почетниот дел од квалификациите покажа и неговиот клубски колега Ники Хејден кој беше прилично фрустриран од својот мотор, во еден момент можевме да го забележиме како преку гестикулации им ги објаснува проблемите со моторот на своите механичари.
Во меѓувреме првата петорка ја сочинуваа Стонер, Спиз, Педроза, Симончели и Барбера. Во текот на подготвителниот период пред трката на Инди, Кејси Стонер оствари најдобро време на вториот и третиот тренинг, а Бен Спиз се покажа како најдобар на првиот тренинг. За време на квалификациите забележителен беше и Кал Крачлоу кој направи подобрување на својата позиција од 17-то место на 9-то, но на крајот сепак заврши како 11-ти.
На половина од квалификациската сесија пристигна и информацијата дека механичарите на Лоренцо комплетно го менуваат задниот амортизер на неговата Јамаха, во тие моменти актуелниот светски шампион се наоѓаше на 11-та позиција. Од друга страна Хектор Барбера беше човекот за кој сите коментираа, во текот на квалификациите постојано беше меѓу најдобро пласираните возачи на Дукати, а на крајот финишираше со десетто најдобро време.
Кејси Стонер ја навести доминацијата во втората половина од квалификациите, на 23 минути до крајот постави време од 1'39.250 и имаше предност од 0''559 пред Бен Спиз. Времето кое го постави Стонер во тие моменти претставуваше нов рекорд за квалификациите на Индијанаполис. На патеката, големо подобрување на својата позиција забележа Хорхе Лоренцо кој успеа да дојде до третата позиција.
На 15 минути до крајот возачите ги започнаа брзите кругови со меки гуми, па така Кејси Стонер веднаш ја проби бариерата од 1'39, поставувајќи време од 1'38.947! Време кое беше подобро за скоро една секунда од претходниот рекорд на Инди. До крајот на квалификациите проследивме неколку возбудувања, Колин Едвардс се најде на петтата позиција, потоа Довициозо го подобри неговото време, Педроза дојде до четвртото место, а Бен Спиз една мала грешка го чинеше многу бидејќи се наоѓаше на добар пат да му се закани на Стонер. Австралиецот пак само ја зголеми предноста, овој пат на 1'38.850 што беше забележано како негово време за пол позиција.
Не заборавајте, утрешната трка започнува во 20.00 часот по наше време, а коментар за трката можете да слушате на Life радио.
Резултати од квалификациите:
1. Casey Stoner AUS Repsol Honda 1m 38.850s
2. Ben Spies USA Yamaha Factory Racing 1m 39.373s
3. Jorge Lorenzo ESP Yamaha Factory Racing 1m 39.629s
4. Dani Pedrosa ESP Repsol Honda 1m 39.947s
5. Andrea Dovizioso ITA Repsol Honda 1m 40.024s
6. Colin Edwards USA Monster Yamaha Tech 3 1m 40.098s
7. Marco Simoncelli ITA San Carlo Honda Gresini 1m 40.204s
8. Nicky Hayden USA Ducati Marlboro 1m 40.244s
9. Alvaro Bautista ESP Rizla Suzuki 1m 40.333s
10. Hector Barbera ESP Mapfre Aspar 1m 40.360s
11. Cal Crutchlow GBR Monster Yamaha Tech 3 1m 40.620s
12. Randy de Puniet FRA Pramac Racing 1m 40.815s
13. Hiroshi Aoyama JPN San Carlo Honda Gresini 1m 40.925s
14. Valentino Rossi ITA Ducati Marlboro 1m 40.975s
15. Toni Elias ESP LCR Honda 1m 41.030s
16. Karel Abraham CZE Cardion AB Motoracing 1m 41.085s
17. Loris Capirossi ITA Pramac Racing 1m 41.092s































