
На вториот натпревар од отворениот Источно-Европски шампионат во мотоциклизам на кружни патеки кој се одржа викендов на патеката Долна Митрополија крај Плевен (Бугарија), претставникот на МФМ, Марин Сугарев во класата до спорт до 125 ссм го освои одличното 4. место.
16-годишниот велешанец Сугарев во својот деби настап успешно ги комплетираше 8 предвидени кругови на 3.400 метри долгата патека и стигна до првите 13 бодови во меѓународна конкуренција. Победник во најмалата класа беше минатогодишниот шампион Адриан Киуждеа од Романија, пред бугарската натпреварувачка Жулиета Ленкова и уште еден романски мотоциклист Денис Браеску во конкуренција на 11 натпреварувачи.

Вториот наш претставник, Слободан Ивчески настапи на вториот натпревар од Европски шампионат и отворениот Источно-Европски шампионат во супермото за 2011 година и успеа да освои нови бодови. Во првото возење Ивчески заврши како 10., а во второто како 9. и со тоа освои вкупно 23 поени. Победник во најсилната класа до 450 ццм беше Ангел Каранјотов од Бугарија кој со максимални 100 поени има убедливо водство во генералниот пласман. Со вкупно 47 поени Ивчески моментално е на 7. место.
Најавата од МФМ за шест наши натпреварувачи за жал не се оствари, Сашо Николов, Ефтим Велјановски и Игор Спиров воопшто не беа присутни на патеката, а Виктор Вешовски се појави како дел од публиката.
Галерија од трките и резултатите ќе бидат објавени на мотори.ком.мк во текот на денот.













