Христијан Илиоски се враќа на патеките
Нашите најдобри мотокрос натпреварувачи Гоце Томовски (МК Гого) и Христиан Илиоски (МК Мотостарс) ќе ја претставуваат Мотоциклистичка федерација на Македонија (МФМ) на последниот, седми натпревар од отворениот Источно-Европски шампионат во мотокрос за 2011 година што ќе се одржи на 22 и 23 октомври во Јаница, Грција.
Томовски со 203 бодови е моментално на второто место во генералниот пласман на најсилната класа МХ1 без можност да го загрози водечкиот Лајош Баческу од Романија кој има 248 бодови и ја обезбеди својата прва титула во оваа конкуренција. Нашиот натпреварувач минатата година го оствари својот најдобар досегашен пласман, освојувајќи ја вицешампионската титула. За да го повтори успехот од мината година, Томовски треба да се избори со конкурентите, Николај Куманов (Бугарија) кој има 194 и минатогодишниот шампион Адриан Радуца со 175 бодови.
Од друга страна, Илиоски минатиот викенд се врати на патеките после тешката повреда од март годинава. На натпреварот во Братиндол во рамките на македонскиот шампионат во мотокрос, тој покажа дека се враќа во форма и дека повредата е минато. Илиоски ќе настапи во класата МХ2 каде што исто така има голема конкуренција. Последниот негов настап во отворениот Источно-Европски шампионат во мотокрос го имаше во 2009 година кога и ја потврди двојната титула во класите МХ2 и МХ2 јуниор. Тој негов успех е најголем за македонски мотоциклист во меѓународни рамки.
Извор: МФМ












