
По сончево и топло време на патеката Ридо крај Самоков се одржа четвртата трка од отворениот бугарски шампионат во мотокрос во 2010 година.
На натпреварот учествуваа 87 натреварувачи од Македонија, Романија, Грција и домаќинот Бугарија поделени во 7 класи. МХ65, МХ85, МХ1, МХ2, МХ2 јуниор, МХ3 и МХ АТV.
Нашиот најголем адут оваа сезона во меѓународните натпревари, Гоце Томовски ја искористи можноста за добар тренинг на 1.740 метри долгата патека која содржи повеќе сложени елементи. Вообичаено за него, беше резервиран на саботните квалификации и постигна 8. време од 13 натпреварувачи во најсилната класа МХ1.
Во неделата Томовски без поголем напор и ризик, бидејќи сеуште не е потполно закрепнат од тешкиот пад пред 3 месеци во Романија, во конечниот пласман го освои 6. место. И покрај победата во првото возење, големиот фаворит Николај Куманов не триумфираше. Имено, со одлично второ возење од почетокот до самиот крај, Николај Јовчев на крајот заслужено победи. Вториот наш натпреварувач, Томислав Георгиевски соодветно на можностите на крајот беше 11.
Веќе на 28 август двајцата ги чека натпревар од шампионатот на Македонија во мотокрос на патеката Забел кај Старо Негоричане, а потоа и петтиот натпревар од отворениот Источно-Европскиот шампионат кој ќе се одржи во Крушевац, Србија на 4 и 5 септември. Да потсетиме Томовски е моментално на 2. место во оваа конкуренција и се наоѓа пред огромен меѓународен успех.
Извор: МФМ












