Стартот на втората трка во класите МХ1, МХ2 и МХ3
Со денешните трки на патеката Милци крај Гевгелија официјално заврши мотокрос сезоната во Македонија. На трката освен 14 домашни натпреварувачи учествуваа и 6 гости од Грција. Денешната трка одбележи и еден убав јубилеј, 20 години од првата трка на патеката Милци.
Ладното време го зема својот данок, публиката беше малубројна во однос на она што сме навикнати да го гледаме на Милци, но од друга страна временските услови придонесоа за добра трка. Се возеше по сончево но ладно време, а патеката беше доволно влажна за да не се крева прашина. Влагата на моменти дури им задаваше проблеми на натпреварувачите заради браздите кои се правеа по неколку извозени кругови.
Христијан Илиоски успешно заздраве од повредата која го оддалечи од патеките скоро цела година
Христијан Илиоски беше неприкосновен на двете денешни трки, возејќи во класата МХ2 на крајот од денот забележа подобро време од најдобриот возач во МХ1 Гоце Томовски за цели 1:28.837. Од гостинските возачи во МХ1 нај забележителен беше Менелаос Меремецакис кој во првата трка го освои второто место, а на втората трка извојува победа.
Благојче Спировски се враќа на патекитеВо класата МХ2 по пауза од 8 месеци повторно го видовме Благојче Спировски кој се покажа во одлично светло освојувајќи го второто место на двете денешни трки.
Во класата МХ3 лидерот во генералниот пласман Борче Костов немаше никакви проблеми со домашните натпреварувачи но наиде на достоен противник во Танусис Петос од Грција кој на двете денешни трки во МХ3 дојде до победа.
Најмладиот учесник на трките: Лука РистескиКласата МХ85 не беше атрактивна за публиката заради малиот број на учесници, само тројца, но нашите млади таленти покажаа дека можат да ги продолжат успесите на македонскиот мотокрос.
Со денешните трки на патеката Милци се спушти завесата во шампионатот во мотокрос. Следната година кон крајот на Март на истата патека ќе се одржи трка од Европското првенство во мотокрос, која ќе го одбележи почетокот на новата сезона.
За галерија од денешната трка кликнете овде.
Резултати од денешните трки:
- МХ85: Трка1 (.pdf)
- MX85: Трка2 (.pdf)
- МХ1, МХ2, МХ3: Трка 1 (.pdf)
- МХ1, МХ2, МХ3: Трка 2 (.pdf)














