Под покровителство на Мотоциклистичка федерација на Македонија, a во техничка организација на МК Мотори и МК Александар од Скопје на 23 октомври крај Скопје се одржа петтиот, последен натпревар од Шампионатот на Македонија во ендуро за сезоната 2011.
Натпреварувачите од сите класи Натпреварот привлече уште поголемо внимание со оглед на тоа што се одлучуваше титулата во сите класи.
Во класата Е1, Александар Петровски (МК Мотори) со својата прва победа во кариерата успеа да ја освои шампионската титула. Филип Кондратенко (МК Александар) имаше пех на првиот брзинец бидејќи му изгасна мотоциклот, но со одлично возење во преостанатите 3 брзинци успеа да се пробие на второто место и да освои доволно бодови за вицешампионската титула. Зад него завршија дебитантите Никола Бузалковски (МК Мотори) и Дејан Петковски (МК Мото Велес). На крајот од сезоната Петровски има вкупно 87 бодови, Кондратенко 69, а трет е Јован Стојков (МК Мотостарс) со 62 бодови.
Уште поинтересна беше борбата во најбројната класа Е2, каде што дури три натпреварувачи имаа големи шанси да ја освојат шампионската титула: клупските колеги Зоран Трајковски и Ивица Милошевиќ (МК Мотори) и Борче Костов (МК Мотостарс). Костов имаше пад веќе на првиот брзинец и тоа го спречи до крајот да атакува на првото место. Тоа го искористи Милошевиќ кој на сите брзинци оствари одлични времиња и заслужено победи пред Трајковски и Костов. На четвртото место се пласираше Слободан Ивчески (МК Сакамото) кој ја изгуби шансата за подобар пласман поради казната од 2 минути добиена на временските контроли. Зад него завршија дебитантите Димитрије Јовановиќ (МК Ноќни волци) и Панче Андонов (МК Мото Велес), а седми беше неговиот клупски другар Бојан Лазов. Во генералниот пласман Милошевиќ има 87, Костов 82, а Трајковски 80 бодови.
Во класата Е3 видовме убедлива победа на поранешниот двократен шампион во мотокрос, Дарко Дејановски (МК Александар). Сепак поголема беше радоста на второпласираниот Валентин Тошев (МК Мото Велес) кој со освоеното второ место успеа да се пробие на шампионското место во генералниот пласман. На трето и четврто место завршија ветераните Сашко Ванов (МК Мото Велес) и Миодраг Станковиќ (МК Мотостарс). Тошев е нов шампион со 47, пред Јетон Заими (МК Гост рајдерс) со 45 и Станковиќ со 43 бодови.
Во класата Т1 доминираше Баже Шишковски (МК Александар) кој победи иако имаше една казнена минута од временските контроли. Зад него се пласира триото дебитанти: Звонимир Шкварча (МК Сакамото), Ивица Гиновски (МК Вардар) и Дарко Гиговски (МК Сакамото). И покрај тоа што не настапи, шампион е Виктор Ефремов (МК Мото Велес) со 81,5 бодови, пред Николчо Николов (МК Вардар) со 71 и Дашмир Зекировски (МК Мотостарс.)
Во клупска конкуренција организаторите МК Мотори и МК Александар освоија ист број бодови – 72, имаа исти најдобри три пласмани (2 први и 1 второ место), а за првото место одлучи вкупното време на натпреварувачите. МК Мотори имаше вкупно подобро време и на најдобар начин ја потврди титулата. МК Мото Велес се пласираше на третото место од подиумот. Во генералниот пласман МК Мотори освои 283, МК Мотостарс 217, а МК Мото Велес 206,5 бодови.
Меѓународен карактер на натпреварот му даде и учеството на Глен Скот (Јужна Африка) кој доби заслужено признание од организаторите, а пехар добија и членовите на Аероклубот „Скопје“ за поддршката што им ја дадоа на организаторите веќе втора година по ред.
Следната сезона од оваа атрактивна дисциплина се очекува да биде уште поинтересна и со повеќе учесници со оглед на тоа што ендурото е во голема експанзија и само после сезони во Македонија го презема приматот пред останатите гранки на мотоциклизмот. Сезоната што претстои со најголемо нетрпение ќе ја чекаат Ивица Милошевиќ и Виктор Ефремов кои со евентуален трет по ред шампионски статус би стигнале до најпрестижното признание – златната кацига.
Кликни овде за резултатите од трката.
Извор: МФМ













