Маверик Вињалес изјави дека сака на патеката во Франција да ги искористи предностите кои неговиот тим ги открил на тестот во Херез

Маверик Вињалес изјави дека на патеката во Франција сака да ги искористи сите предностите кои неговиот тим ги откри на тестот во Херез и да го задржи компетитивниот ритам.

Шпанецот после четири трки, три пати се најде меѓу најдобрите шест возачи на крајот на трката, а најдобар резултат му е четвртото место кое го освои на патеката во Остин. Тој смета дека подобрувањата што Suzuki ги направи во изминативе 12 месеци му помогнаа да ја намали разликата со неговите конкуренти.

vinales lemans 16

Вињалес, кој се споменува како можен наследник на Хорхе Лоренцо во тимот на Yamaha, доби дополнителен мотив по напредокот што го забележа после тестот во Херез и смета дека тимот треба само да ја надградува таа основа.

„После Херез добив потврда дека постигнавме голем напредок, но исто така и дека тоа не е доволно. Се уште има простор за напредок и мораме во целост да го искористиме нашиот потенцијал,“ изјави Вињалес.

„Ние сме многу поконкурентни во споредба со минатата сезона и тоа ми дава самодоверба. На тестот во Херез направивме чекор напред и откривме нови работи кои ќе ни помогнат.“

„Ле Ман нема да биде лесна патека, но ние работиме напорно и се надевам дека тоа ќе ни се исплати. Знаеме што ни недостасува и нашето разбирање на моторот и електрониката е значително зголемено. Тоа ќе ни помогне да донесеме подобри одлуки.“

Вињалес се наоѓа на шестото место во шампионатот и има еден поен предност пред тимскиот колега Алеш Еспаргаро.

Back To Top