„Мора да си опседнат! Мора да работиш напорно секоја зима за да можеш да се бориш за титулата...Секогаш ќе го правам тоа и колку повеќе титули освојам, толку подобро!“ – Марк Маркез

Crash.net имаше можност да направи интервју со MotoGP шампионот Марк Маркез за време на претставувањето на тимот на Repsol Honda во Џакарта.

Маркез и тимскиот колега Дани Педроса дојдоа во Индонезија веднаш по тестот во Сепанг каде што постигнаа добри резултати. Нивната цел таму беше да ги оценат различните дизајни на моторот како и да се обидат да го намалат агресивниот карактер на RC213V при излегување од свиок.

Маркез на крајот на тестот имаше за само 0.138 секунди послабо време од возачот на Yamaha, Маверик Вињалес.

marquez high

Crash.net: Здраво Марк, како што кажа предмалку, се чини дека ни престои интересна MotoGP сезона, можеби дури и поинтересна од минатата. Што мислиш за тоа?

Марк Маркез: Тоа никогаш не се знае. Но видете го тестот во Сепанг. Првиот ден најбрз беше Стонер, а Довициозо беше втор. Следниот ден најбрз беше Ианоне, а последниот ден Вињалес. Се чини дека повторно повеќе производители се добри  а повеќето возачи веќе се на повисоко ниво. Минатата сезона голем број на возачи успеаа да остварат победи, но најважното нешто на крајот е борбата за титулата.

Crash.net: Го спомнавте Вињалес. Тој се наоѓа во нова ситуација откако му се приклучи на еден од најдобрите тимови. Дали се тркавте меѓусебно и кога растевте во Шпанија?

Марк Маркез: Настапивме на неколку трки заедно но никогаш не се натпреварувавме во иста категорија. Мислам дека тој ќе се бори за титулата исто како и Валентино, Лоренцо и Дани. Ќе биде интересно.

Crash.net: Лоренцо го започна тестот во Сепанг на седумнаесетото место, а заврши како девети. Сепак, беше за 0.4 секунди побавен од најдоброто време...

Марк Маркез: На првиот тест со Ducati на патеката во Валенсија, неговиот настап не беше толку лош. Но после подолга пауза ти треба малку време за повторно да влезеш во форма и затоа на првиот тест во Сепанг немаше добар резултат. Но вториот ден веќе беше подобар, а третиот ден беше уште подобар. Од она што го видовме во Сепанг, Хорхе ќе биде подготвен да се бори за титулата.

Crash.net: Знам дека не можеш да откриеш многу за моторите што ги тестираше, но дали е точно дека во Сепанг тестираше еден од моторите за 2016 година и еден од новите мотори?

Марк Маркез: Да, пробавме два различни мотори кои имаат две различни карактеристики. Еден беше сличен на минатогодишниот, а еден беше сличен на новиот мотор на Honda. Собравме многу информации и се чини дека новиот работи за нијанса подобро.Но, тоа беше само на оваа патека. Сега треба да видиме како ќе функционира на патеката на Филип Ајленд пред да одлучиме.

Crash.net: Видовме и дека настапи на еден мотоцикл кој има поинаква задна сопирачка?

Марк Маркез: Да, но не ја користев. Се уште размислуваме дали да ја употребиме.

Crash.net: Што мислите дека може да ви понуди во споредба со стандардната сопирачка?

Марк Маркез: Ја пробав таа сопирачка во 2014 година но имав само еден тест. Сега сакам повторно да ја пробам. Работиме на неа и таа беше на мотоциклот кој го возев во Сепанг.

Crash.net: Во однос на свиоците, дали со новите пневматици на Michelin ќе ти се промени стилот на возење?

Марк Маркез: Мислам дека со новата предна гума на Michelin малку е потешко сопирањето кога си во свиок. Но од друга страна, безбедноста е многу подобра.Ми се допаѓа.

Crash.net: Минатата сезона неколкупати успеа да се спасиш и да не паднеш. Во што е тајната?

Марк Маркез: Истото се случи и на тестот во Сепанг но немаше кој да го забележи тоа.

Crash.net: Успеа да се спасиш поради лактот?

Марк Маркез: Поради лактот и коленото.

Crash.net: Како успеваш да се спасиш толку многу пати?

Марк Маркез: Искрено, не знам.Тоа е инстинкт и секогаш се обидувам да бидам концентиран. Тоа е многу важно бидејќи тогаш реакциите ти се многу побрзи. Но дури и мене ми е тешко да го објаснам тоа.

Crash.net: Дали имаш некој посебен тренинг за да ја подобриш концентрацијата?

Марк Маркез: Не, едноставно се обидуваш да го правиш тоа на секој тренинг. Не го тренираш само твоето возење туку и концентрацијата.  Мојот главен тренинг е во салата за вежбање.

Crash.net: Досега освои три MotoGP титули и уште две титули во послабите категории. Уште колку титули сакаш?

Марк Маркез: Колку повеќе толку подобро. Ќе се обидам секоја година да се борам за титулата. Искрено, мора да си опседнат! Мора да работиш напорно секоја зима за да можеш да се бориш за титулата.Секогаш ќе го правам тоа и колку повеќе титули освојам, толку подобро!

Back To Top