Марк Маркез зборува за својот нов тимски колега Хорхе Лоренцо и вели дека нема да има никакви оправдувања доколку тој го победи во сезоната 2019

Марк Маркез зборуваше за одлуката на Honda да потпише договор со Хорхе Лоренцо откако двајцата возачи имаа интересна борба за време на трката во Австрија. Тој вели дека нема да има никакви оправдувања доколку Лоренцо го победи во сезоната 2019.

Актуелниот лидер на табелата, Австриската трка ја заврши на втората позиција. Сепак, тој не можеше да се справи со брзината која ја има Ducati на правец. „За среќа Лоренцо од следната година нема да вози за Ducati“, изјави Маркез. „Тогаш нема да имам никакви оправдувања.“

gg744794

„Тој секогаш подоцна притиска на сопирачките но на оваа трка јас притискав дури и покасно од него. Бев многу добар на оваа трка. Но секако, тие имаат и навистина добро забрзување. За среќа од следната година тој нема да вози за нив. Тоа ќе биде добро. Мислам дека Honda донесе исправна одлука бидејќи донесе возач кој ќе може да победува со нашиот мотоцикл. Ќе биде интересно да се види како вози во Honda. Но едно е сигурно, а тоа е дека ќе биде брз.“

Иако изгледаше многу нервозно што не можеше да го претекне мотоциклот на Ducati за време на трката во Брно, Маркез вели дека е задоволен од резултатот кој го постигна во Австрија.

Дел од тоа, како што вели, се должи на стратегијата. Тој имаше одличен старт и успеа да се најде помеѓу двата мотоцикли на Ducati. Ова му помогна да може да се брани само од еден возач а не од двајцата.

„За разлика од Брно денеска се обидов. Во Чешка не се обидов бидејќи не се чувствував добро и сметав дека тоа ќе биде залудно потрошено време бидејќи имаше поголеми шанси да загубам отколку да победам. Секогаш се обидувам да ја променам мојата стратегија.“

„Уште од самиот старт се обидов да притиснам бидејќи целта беше пред мене да има само еден Ducati. Знам дека за нас е навистина тешка борбата која ја имаме со нив. Но сепак успеавме и ја постигнавме нашата цел.“

„Очекував тоа да биде Довициозо, но овој пат се натпреварував со Хорхе. Секогаш се обидувам нешто ново бидејќи по природа сум таков. Но на секој правец тој можеше да ме претекне. Навистина беше тешко да се одбраниш.“

„Но сепак се обидов да бидам во водство и во последниот круг. Но ме претекна на правецот. Се обидов да ја вратам позицијата но за малку ќе излетав надвор од патеката. Но сепак се обидов. Уживав во трката и среќен сум што ја зголемивме предноста на табелата.“

Ова е петта трка по ред како Маркез ја зголемува предноста во шампионатот. Еден од неговите ривали, Валентино Роси успеа да дојде до шестата позиција и покрај лошиот викенд кој го имаше неговиот тим. Актуелниот шампион, сега има предност од 59 бода пред најблискиот конкурент.

„Среќен сум што ја имам оваа предност бидејќи и двајцата возачи се навистина многу брзи. Важно е тоа што на патеки кои не ни одговараат , постигнуваме добри резултати. Мислам дека ова е најважно. Кога ќе пристигнеме на патека која ни одговара, ќе се обидеме да нападнеме и да освоиме 25 поени.“

Back To Top