Овогодишниот MotoGP шампионат е најизедначен досега, тврди светскиот шампион од 1993 година, Кевин Шванц.

„Да имаш шампионат во кој возачите кои се на врвот се толку изедначени е неверојатно.Но MotoGP шампионатот е секогаш фантастичен. Првите неколку возачи се навистина блиску, и секој од нив има направено по некоја грешка. Со нетрпение чекам да видам како ќе се одвива вториот дел од шампионатот.“

IMGP9203

„Причината поради која возачите кои се на врвот понекогаш прават грешки е бидејќи тие секогаш притискаат до крај. Не можеш да си кажеш дека мотоциклот не ти е во најдобра состојба и дека ќе се задоволиш со четвртото место бидејќи многу лесно би можел да завршиш како четиринаесети.“

„Мене лично би ми одговарало да бидам дел од ваков шампионат но мислам дека тоа не би му одговарало на Suzuki бидејќи се до 1993 година, мотоциклот воопшто не беше конзистентен. Еден викенд убедливо ќе победевме, а веќе следниот ќе се мачевме да се најдеме меѓу првите пет возачи.“

„Тркањето денеска е поикнакво. Сите сакаат да ги обвинат пневматиците но тие се исти за секој тим. Не паѓаат сите поради нив, не се мачат сите за да ги разберат како функционираат. Но сето тоа е дел од тркањето.“

„Гледано од страна на фановите, денешниот период е многу подобар отколку времето кога јас се натпреварував. Секој мотоцикл, освен можеби КТМ, може да се најде на врвот. Aprilia имаше голем напредок оваа сезона исто како и Ducati.“

„Според мене, тоа го прави тркањето многу поинтересно. Доколку пак сте натпреварувач, тогаш мора да бидете добро подготвени за тркање без разлика на условите на патеката. Мора да бидете подготвени за сите предизвици бидејќи не знаете со што можете да се соочите за време на трката.“

„На почетокот на сезоната изјавив дека Маверик ќе победи и сега не можам да ја повлечам изјавата. Реков Маверик, Маркез, Роси и останувам на тој став, но многу лесно распоредот на крајот би можел да биде Роси, Маркез, Маверик.“

Back To Top