Извршниот директор на „Honda Racing Corporation“ даде свое видување за настаните во Сепанг.

repsol honda shuei nakamoto 06

Извршниот директор на „Honda Racing Corporation“ даде свое видување за настаните во Сепанг.

„Најпрво сакам да потенцирам дека е важно да зборуваме за фактите, не за претпоставките. Кај фактите има само една интерпретација, додека кај претпоставките може да има повеќе исходи, во зависност од тоа на која страна сте. За доброто на спортот, би сакале сите да ги запазат фактите, а тоа се:

- Маркез победи на Австралиското ГП, поминувајќи го Лоренцо и со тоа му скрати 5 поени во генералниот пласман

- Во четвртокот пред Малезиското ГП, Валентино Роси на прес конференција го обвини Маркез дека му помага на Хорхе Лоренцо.

- На Малезиското ГП Роси намерно го избутка Маркез надвор од линијата за движење и со тоа предизвика тој да падне. Дирекцијата на трката потоа му изрече казна која беше потврдена од ФИМ.

Всушност овие три точки се единствените кои се сигурни и за кои можеме да коментираме, се друго би било базирано на претпоставка.

Кое е вашето мислење за ситуацијата по Малезиското ГП?

Ние како тим (HRC) искрено жалиме за настанатата ситуација. Прво би сакале да потенцираме дека Марк Маркез беше обвинет по трката во Филип Ајленд без никакви докази. Јасно е дека нема основа да се обвини некого дека му помагал на друг возач, а потоа да победи на трката. Исто така по трката во Австралија можете да ги видите сликите како Роси и Маркез се ракуваат што значи дека ја признале добрата и фер трка.

Дали мислите дека борбата на Малезиското ГП е резултат на обвинувањата на Роси кон Маркез?

Мислиме дека не е така. Сите знаеме дека Марк постојано вози со 100%, тоа е причината зошто го сакаме и зошто тој има толку фанови ширум светот. Тој постојано го дава максимумот со цел да извози најдобро што може. Тој имал многу дуели до сега во кариерата со повеќе возачи но никој не се жалел за тоа. Во Малезија знаеме дека Марк имаше проблеми со моторот на почетокот од трката заради полниот резервоар, тоа се случи неколку пати до сега во сезоната. Во Сепанг исто така тој направи грешка на почетокот и Лоренцо успеа да го помине. Потоа до него дојде Роси и тие започнаа со борба за третата позиција. Поминувањата беа екстремни, но безбедни за двајцата возачи, едноставно двајца шампиони кои се борат на патеката.

Дали е можно Маркез да го успорувал Роси во тие кругови?

Круговите кои ги возеа беа многу брзи, тоа покажува дека немаше намера Маркез да го успори Роси. Дополнително на тоа, откако Маркез падна Роси имаше отворена патека пред него но не забележа побрзо време од она што го имаше додека се бореа со Маркез. Веруваме дека двајцата одеа до максимумот. Двајцата ја сакаа третата позиција и сакаа да се приклучат на водечките двајца но борбата помеѓу нив направи разлика од водечките. Ова е трка, и кога имате двајца возачи како Марк и Роси нормално е да гледате таква борба.

Дали верувате дека Роси го удри моторот на Маркез?

Јасно е дека Валентино намерно го истурка Маркез надвор од линијата на движење, што е спротивно на правилата, и Марк немаше друга опција освен да излета. Податоците од моторот на Маркез покажуваат дека и покрај тоа што тој се обидел да го исправи моторот и да избегне контакт со Роси, неговата предна кочница била притисната што го закочило предното тркало и предизвикало моторот да падне. Веруваме дека притисокот на кочницата доаѓа од ударот на Роси. Податоците од моторот се достапни за сите кои сакаат да ги проверат, од Дорна до ФИМ, па дури и за претставниците на медиумите.

Дали мислите дека Марк ја кажува вистината кога вели дека не сакал да го успори Роси?

Го познавам Марк одлично. Тој е добар дечко, со јаки и искрени вредности. Марк само се обидувал да ја заштити својата позиција, како што тоа би го направил секој тркач, и ние веруваме во тоа 100%.

Какво е вашето мислење за одлуката на Дирекцијата на трката?

Ја почитуваме одлуката на Дирекцијата, и не би сакале да коментираме дали казната е правилна или погрешна. Во секој случај мислиме дека имаше доволно докази да се донесе одлука и за време на самата трка, немаше потреба да се чека до крајот.

Што мислите за жалбата на Роси до Арбитражниот суд за спорт?

Тоа е негово право. Ние ќе ја почитуваме одлуката на Судот.

Луѓето велат дека не е фер што Марк се борел со Роси заради тоа што тој нема шанси да ја освои титулата.

Ова се трки! Немаше коментари кога Дани го помина Роси во Арагон, а исто и со Јанон на Филип Ајленд - никој не го обвини дека возел за друг возач. Ова беше тешка сезона, и во Сепанг Марк само се обидуваше да дојде до најдобрата позиција за него и за тимот, тој не е научен да се задоволи со четвртото место кога има шанси да биде трет. Исто така не треба да заборавиме на 2010 година, кога Роси не беше во борба за титулата, а возеше слична трка со Хорхе Лоренцо. По трката кога Лоренцо се пожали дека Роси возел агресивно, а не бил во борба за титулата, Роси изјави: „Им кажав на Јамаха, што очекувате од мене, да останам позади? Доколку го знам ова ќе останам дома“. Ние во целост се согласуваме со изјавата на Роси и ги повикуваме нашите возачи постојано да се трудат да го освојат највисокото место на пиедесталот.

Кое е вашето мислење за Валентино во моментот?

Валентино е најголемиот шампион во нашиот спорт. Тој возеше навистина одлично оваа сезона, па доколку ја освои титулата тоа ќе биде затоа што тој го заслужува тоа. Тој беше конзистентен и многу брз во текот на целата сезона. Фактот дека има 36 години само ја зголемува почитта кон него, но кажувајќи го ова ние не разбираме зошто ја даде изјавата по Филип Ајленд и зошто го направи тоа во Сепанг. Се надеваме дека Валентино ќе размисли за своите постапки и ќе ја разбере својата грешка.

Која е вашата цел во Валенсија?

Како и секогаш, наша цел е да победиме! Се надеваме дека Марк и Дани ќе бидат во можност да се борат за победата. Доколку успеат да дојдат до еден-два победа, без разлика кој ќе биде напред, за нас тоа ќе биде успех. Пред се би сакале да ја завршиме сезоната со четврта последователна победа, второ затоа што доколку двајцата се пред Лоренцо и Роси, нема да влијаат во исходот на шампионатот. За крај сакаме сите да разберат дека возачите на Хонда се се тркаат за победа, за ништо друго.

Back To Top