Викендов се возеа првите две трки од БМУ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам на кои учествуваа двајца македонски натпреварувачи.

Првата рунда од БМУ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам се оддржа викендов на патеката Серез во Грција.

На трките Македонија ја претставуваа Христијан Бузалковски (МК Ендуро Тим - Водно Скопје) и Слободан Ивчески (МК Сакамото).

Христијан Бузалковски оваа сезона ќе настапува во две класи, SP125 во која е вице-шампион и F600 во која за прв пат ќе ги одмери силите. Пред почетокот на викендот се очекуваше многу од него во новата класа имајќи ги во предвид резултатите кои ги забележа во подготвителниот период. Тој тоа го потврди и на тренинзите, а потоа и на квалификациите каде имаше фантастично четврто време во конкуренција на 22 возачи. За жал на првата трка неговиот мотоцикл се расипа па тој беше приморан да влезе во боксот. И покрај обидите на механичарите и помошта од останатите тимови Бузалковски не успеа да го оспособи мотоциклот и првиот викенд во класата F600 за жал го заврши без пласман.

Во класата SP125 тој продолжи онаму каде што застана минатата сезона, на самиот врв. На првата трка стартуваше одлично и направи предност од една секунда, но по удар во асвалтот шалтерот за менување му се искриви па мораше да менува брзини со рака. На крајот на првата трка сепак и покрај проблемите со мотоциклот тој заврши на втората позиција. На денешната трка тој возеше одлично, без никакви проблеми и заслужено ја забележа првата победа во сезоната.

Актуелниот шампион во класата F1000, Слободан Ивчески, имаше тежок настап на првата трка. Конкуренцијата од 29 возачи го направи своето па Ивчески на квалификациите успеа да дојде само до 10-та позиција. Тој стартуваше добро но едноставно не беше негов ден па на крајот мораше да се задоволи со седмата позиција. За разлика од вчера, на денешната втора трка го видовме Ивчески во вистинско светло. Тој напредуваше одлично и на крајот за само три десетинки го пропушти подиумот. Борбата со турскиот натпреварувач Бурак Албајрак траеше до самиот крај, а фото финишот за жал му припадна на Турчинот.

Следните трки се возат на 12 и 13 мај во Аданката, Романија.

Back To Top