Христијан Илиоски со пехар од Романија, а Христијан Станковиќ со пехар од Грција го заокружија богатиот мотокрос викенд.

Македонскиот мотокрос возач Христијан Илиоски со нов подиум се врати од трка во БМУ Европскиот шампионат во мотокрос, откако во Романија беше второпласиран во трка во која максимално се бореше за победата.

„Имав лош пад во Грција на претходната трка и собрав сили по падот и го средив моторот за да настапам на оваа трка во Романија. Практично без тренинг отпатував во Романија и задоволен сум со второто место. Работам да ја вратам формата, но тоа воопшто не е лесно во овие услови“, рече Илиоски.

Младиот битолчанец веќе еднаш беше меѓу најдобрите на Источноевропскиот шампионат, откако ја освои вицешампионската титула пред две години.

Освен трката во Романија, викендов Македонија имаше свој претставник и на трка во Грција. Христијан Станковиќ овој викенд на мотокрос трката во Превеза, Грција го освои третото место. Ендуро Тим Водно од Скопје продолжува со одлични резултати на меѓународна сцена.

Само со еден тренинг на стазата, Станковиќ успеа да биде прв на двата старта и ја водеше трката неколку круга. Со оглед на тоа што првпат настапува на оваа патека непознавањето си го направи своето и по голема борба тој стигна до третата позиција.

Со ова младиот Станковиќ стигна до место на подиумот и значајно искуство пред понатамошните трки во кариерата. 

Во генералниот пласман во класата МХ1 Христијан Илиоски се наоѓа на третата позиција со ист број на бодови (80) како второпласираниот Тони Цветков од Бугарија. На табелата првопласиран е романецот Адриан Радута. Во оваа класа на 5-та позиција се наоѓа нашиот Гоце Томовски, а Васко Киров е на 9-та позиција. Михаил Бајовски за жал до сега не забележа бодови и се наоѓа на 21-та позиција.

Во класата МХ2 Јуниор, Христијан Станковиќ се наоѓа на 13-та позиција, а во МХ2 каде што исто така се бодува се наоѓа на 24-та позиција, две места погоре од нашиот втор натпреварувач во оваа класа, Алберто Видевски.

Во класата МХ Ветерани се натпреварува Борче Костов кој по две рунди во конкуренција на 39 возачи се наоѓа на 9-та позиција. Костов се бодува и во МХ класата во која во генералниот пласман се наоѓа на 19-та позиција.

Во екипна конкуренција од 7 земји Македонија се наоѓа на 4-та позиција со 92 поени, зад Бугарија, Романија и Грција, а пред Молдавија, Турција и Србија.

Back To Top