motori Ilioski_86Нашиот најдобар мотокрос натпреварувач Христиан Илиоски во рамките на шестиот натпревар од Светскиот шампионат во мотокрос за 2012 година кој се одржа на 9 и 10 јуни на патеката во Орахова Вас, Словенија успеа во првата трка да стигне до 24 место.

 Ilioski 86

Нашиот најдобар мотокрос натпреварувач Христиан Илиоски во рамките на шестиот натпревар од Светскиот шампионат во мотокрос за 2012 година кој се одржа на 9 и 10 јуни на патеката во Орахова Вас, Словенија успеа во првата трка да стигне до 24 место.

За време на саботните тренинзи времето беше убаво додека саботното попладне и неделниот ден не им беа наклонети на учесниците. Постојаните врнежи од дожд и калта на патеката им задаваа многу маки на мотокросистите. Претставникот на Мотоциклистичката федерација на Македонија во својот втор настап сезонава во квалификациската трка го освои 34 место од 40 натпреварувачи. Најбрз беше домашниот натпреварувач Матевж Ирт, пред Австријците Матијас Валкнер и Михаел Стауфер.

Во првата неделна трка Илиоски успеа да се пробие за дури 10 места и на крајот да го заземе одличното 24 место што е најголем успех за наш натпреварувач во натпревари од Светскиот шампионат не само во мотокрос туку воопшто во сите мотоциклистички дисциплини. Во второто возење тој стигна до 32 место.

И во двете возења убедливо победи Словенецот Клемен Герчар и оствари севкупна победа на домашното Гран при со максимални 50 бодови. Неговиот сонародник Ирт беше втор во првото возење, но со петтото место во второто возење го расипа пласманот и не обезбеди место на подиумот. Вкупно втор беше Валкнер и со нови 40 бодови го задржа првото место во генералниот пласман. Валкнер сега води со освоени 226 бодови од 6 натпревари пред уште еден Австриец, Гинтер Шмидингер со 198 бодови. На третото место се проби Герчар со 192 бодови.

Според утврдениот план Илиоски до крајот на сезоната ќе настапи на уште 2 трки. Следен на програмата е натпреварот во Словачка на 1 јули, а тој ќе настапи и на последното Грна при за оваа година предвидено за 23 септември во Германија.

Back To Top