Сакаме да вложиме во иднината, во македонските тркачи, во безбедноста на патиштата, во мирен сон за сите граѓани. Да ги тргнеме децата од патот на пороците. Наместо да пишуваме за жртви од сообраќајни незгоди, да пишуваме за нови рекорди и успеси на нашите натпреварувачи.

Следејќи ги коментарите на јавноста по повод најавената акција на МВР против несовесните возачи на мотоцикли заклучувам дека на мото сцената во земјава и треба сериозна работа. 

Ninja 300 P1

Прво сакам да расчистам нешто. Јавноста го формира мислењето за сите нас според постапките на поединци. Поединци кои едноставно не се моторџии, туку позери. За жал таквите станаа синоним за моторџии, поминувањето со 200 по Партизанска не ги прави мангупи, напротив. За жал во секоја категорија на учесници во сообраќајот има вакви исклучоци. Има и пешаци кои не се ни вртат кога преминуваат улица, но не се сите такви. Има и возачи на автомобили кои повеќе гледаат во мобилните телефони отколку на патот пред нив, но не се сите такви. Има и таксисти кои вртат преку две полни ленти за да „фатат“ патник, но не се сите такви. Примери има многу, поентава е дека не можеме да ги ставиме сите во еден кош, не сите моторџии се дивјаци што урлаат со моторите. Тие таквите највеќе ни пречат на нас, заради нив не покажуваат со прст, па немојте да мислите дека ги браниме нивните постапки.

Кога расчистивме со позерите, да преминеме на оние кои адреналинот им е во крвта. Брзото возење е опасно кога не се прави во контролирана средина. Кога имате мотоцикл кој развива 300км/ч сакате да го пробате потенцијалот, да го осетите забрзаното чукање на срцето, адреналинот кој ви носи насмевка на лицето. За жал во Македонија нема контролирана средина во која љубителите на брзите мотоцикли и автомобили би можеле да го покажат својот потенцијал. Немаме тркачка патека. 

Зошто на Македонија и треба тркачка патека?

За оние кои не се по октаните можеби прашањето е на место, за нас што сме со бензин во крвта е целосно излишно, но сепак да го одговориме.

Со изградбата на тркачка патека Македонија како држава може да добие многу. Патека на која ќе можат да се одржуваат трки во автомобилизам и мотоциклизам би значело отворање на нови работни места, приход од возачите кои ќе доаѓаат да тренираат, организирање на трки и секако, зголемување на безбедноста и намалување на инцидентите на јавните патишта. Потенцијалот е огромен, од развој на спортот до туризам.

Како за споредба возачите од Романија патуваат до Грција за да возат на различна патека од нивната домашна, изградба на патека кај нас би ги привлекло сите возачи од регионот, како за официјални натпревари така и за тренинг денови. Па има ли подобра реклама за земјава од организирање на трка од Европскиот шампионат која ќе се вика „Grand Prix Macedonia“?

Знаете кога имате патека на која не треба да се плашите дали некој ќе ви сврти нагло и ќе ви рече „еј извини не те видов“, патека на која ќе можете да се покажете и докажете, патека на која ќе можете да видите до каде сте, и колку тоа ве бива, тогаш никој од нас нема да има причина да „урла“ по градот. Всушност, кога би имале патека и повторно некој би возел идиотски низ град, тогаш сосема оправдано ќе биде да му се изрече највисоката казна и ние самите ќе го бараме тоа.

Имаме возачи во брзински мотоциклизам кои во моментов во Европскиот шампионат се на самиот врв, тројца наши возачи се борат за шампионскиот пехар. Слободан Ивчески во класата F1000 на четири трки до крајот на шампионатот заостанува само 5 поени зад првопласираниот Петар Даинов (Бугарија), а Игор Спиров е 5 поени зад третопласираниот Кристиан Гута (Романија). Во класата 125 нашиот Христијан Бузалковски е на третата позиција со заостанување од 32 поени зад првиот па оправдано очекуваме нивен пласман во првите тројца на овој шампионат. Има ли поголем репрезент за државава од спортскиот успех? Знаете ли дека овие возачи немаат патека на која можат да тренираат, немаме ни домашен шампионат на кој би можеле да дојдат до спонзори кои би им помогнале, а сепак прикажуваат фантастични резултати.

Сакаме да вложиме во иднината, во македонските тркачи, во безбедноста на патиштата, во мирен сон за сите граѓани. Да ги тргнеме децата од патот на пороците. Наместо да пишуваме за жртви од сообраќајни незгоди, да пишуваме за нови рекорди и успеси на нашите натпреварувачи.

Ете затоа, САКАМЕ СТАЗА!

Благоја Мартиновски
уредник на мотори.ком.мк

Back To Top